Македонија
20. November 2015 - 17:08

45 години „Златно Славејче“

Преполна сала, насмевки и илјадници распеани дечиња. Златните славејчиња повторно ги надминаа сите очекувања. За трите фестивалски дена и оваа година се бара карта повеќе. Задоволните детски лица  посакуваа Златно славејче да се одржува  повеќе пати во годината, бидејќи  песните од овој фестивал , се пеат, паметат и остануваат.     

По повод 45-години од постоењето на фестивалот, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска утрово се сретна со директорот и  дел од учениците. Таа и лично им се заблагодари за вложените напори со кои Златно славејче прерасна со реномиран детски фестивал, но и еден од најпрепознатливите македонски брендови.

-Уметноста и културата се најсилниот аргумент за една држава и сите нив овде ги гледам како наши големи уметници во иднина, рече министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

-Ние сме хуманитарно-воспитна институција, задоволство е да се работи со прекрасни, талентирани деца, членовите на хорот „Златно славејче“ кои навистина се мали уметници, преодговорни, многу совесни и со сите автори во Република Македонија, бидејќи Златно славејче е македонски бренд, рече директорот на фестивалот, Бобан Јосифовски.

Големиот јубилеј славејчињата ќе го одбележат и со гала концерт на 23 декември во Македонскиот народен театар.