Македонија
9. December 2017 - 17:28

40 годишен трагач по диви животни застрелан на лов во Струмичко

Трагично заврши ловот на диви свињи за жител на струмичкото село Рич. 40 годишен маж го загуби животот откако со ловечка пушка бил повреден во пределот на главата. Немилиот настан се случил во близина на браната Водоча кај месноста викана Колиба каде сега веќе починатиот со поголема група ловџии учествувал во лов на дивеч. Тој не бил ловџија и во моментот на несреќата со себе не носел пушка, а во групата бил како хајкач, односно како добар познавач на трагите од дивите свињи кој ги детектирал истите. И во моменот на несреќата тоа било неговата задача, со ловечките кучиња да ги открие можните дувла на диви свињи.  

И покрај тоа што веднаш по несреќата била известена итната медицинска помош нивното возило не успеало да стаса на местото поради непристапниот терен. Токму затоа еден од ловџиите се симнал до најблиското село од каде зел теренско возило со кое подоцна повредениот бил префрлен  до возилотото на итната медицинска помош а од таму  во струмичката болница.

Повредениот жител од селото Рич два часа по несреќата во безсозание и со прострелна рана во главата бил донесен во струмичката болница. И покрај обидите на дежурните лекари да го спасат неговиот живот тие не успеале во намерата. Десетина минути откако бил донесен во болницата тој им подлегнал на повредите.

Ловџиите кои биле дел од групата за отстрел на дивечот веднаш по несреќата се сослушани во полициска станица и им била направена парафинска ракавица.  На местото на настанот излегол и јавен обвинител и увидна екипа на СВР Струмица и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.