Македонија
13. July 2016 - 16:25

30 дена притвор за организаторот и главен снабдувач на дрога

30 дена притвор за организаторот и главен снабдувач на дрога. Судот го прифати предлогот на обвинителството и 40 годишниот велешанец го смести зад решетки. Мерка притвор му е изречена и 47 годишен велешанец кој бил задолжен за дистрибуција на дрогата до дилерите кои биле дел од мрежата низ Македонија.

Другите двајца соработници кои му биле главна поддршка на организаторот, според информациите од обвинителството веќе имале изречена мерка. Еден е на издржување казна затвор за кривично дело поврзано со наркотични дроги, а другиот бил приведен претходно во рамки на акцијата Лотос и заработил мерка притвор.

- Оваа група на дилери на дрога, сите од Велес, работела на поширока територија на државата, па се очекува поголем број на постапки кои ќе се спроведуваат против осомничени лица и од страна на надлежните основни јавни обвинителства, пишува во соопштението до ЈОРМ.

Според информациите кои вчера ги објави министерот за внатрешни работи, организаторот на групата, 40 годишниот велешанце во својот дом ја подготвувал дрогата за продажба, а преку тројцатра соработници стигнувала до дилерите во осум градови низ Македонија.

Групата наплаќала 1000 денари за грам хероин и 500 денари за една паковка марихуана. Истрагата досега открила дека групата функционирала од минатата година, а во реализацијата опфатени се вкупно 24 лица. Запленети се поголеми количини марихуана, хероин, смеси со кокаин и парацетамол подготвени за продажба и амфетамини, а кај групата биле пронајдени и над 20 илјади евра, возилата со кои ја разнесувале дрогата и опремата која ја користеле за подготовка за продажба.