Македонија
8. September 2017 - 16:14

26 години самостојна и суверена Република Македонија

Над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумското прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“. Како резултат на успешно спроведениот референдум, нашата земја денес прославува 26 години независност.

Во пресрет на реферндумот, на 25 јануари 1991 година, првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои Декларацијата за независност, додека волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати.

Усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година беше следен важен чекор кон македонската независност. Десет години подоцна, по конфликтот во 2001та и потпишувањето на Рамковниот договор уставот беше надополнет.

Државноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина...

Државата се осамостои монетарно со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.

Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели - зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури.

И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО, на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, Република Македонија доби само условена покана за членство, откако Грција поради спорот за името го блокира приемот.

Во 2005 година Македонија доби статус на земја - кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и во наредните години. Грција, по примерот со НАТО, ја блокира и македонската евроинтеграција, условувајќи со претходно решавање на прашањето за името.

Последниве две години ги одбележa и политичката криза која предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, која беше надмината со Договорот од Пржино, декемвриските парламентарни избори.