Македонија
18. јуни 2017 - 16:29

25 - годишна струмичанка од камен создава икони во мозаик

Од обичен камен создава вистинска уметност. Парче по парче, со многу труд, посветеност и трпение малите парчиња мермер  и камен  25 годишната Слободанка Мечева ги претвара во вредни уметнички и духовни дела.

Таа веќе две години изработува икони, но наместо во класичната техника ги изработува во мозаик, а нејзините дела може да се сретнат во голем број цркви и манастири ширум државата. Во моментов работи на иконата на „Света Петка“  наменета за новоизградена црква во струмичко.

-Инспирација за да ги работам иконите ми е духовното во мене што го чувствувам. Сакам да се изразам преку иконите бидејќи тоа ми е некако најпријатно чувство кога творам, вели Слободанка Мечева - мозаичар.

На една икона понекогаш работи и неколку месеци, а материјалите ги набавува и обработува сама. Дел од нив купува, а многу често ги наоѓа случајно при прошетки во природа.

- Материјалите ги набавувам од продавници за мермер, обични камења кои ги наоѓам по река или било каде околу мене каде што ми се допаѓаат. Мермерот знаете дека е голем, имам машина на која прво го сечам, а потоа се крши на наковална и со клешти па се изработува мозаикот, вели Мечева

Освен иконите кои ги изработува сама, оваа млада авторка била  дел и од тимовите кои работеле на неколку поголеми проекти. Меѓу нив се црквата посветена на Цар Константин и Елена во Скопје, како и на подниот мозаикот во новоизградената црква во Свети Јован Бигорски.