Македонија
18. August 2016 - 16:05

24 години АРМ, Иванов: Постојаниот ангажман на АРМ во елементарни непогоди не е трајно решение

АРМ многупати досега ја оправдала довербата на македонските граѓани, а потврда за тоа се справувањето со мигрантската криза и неодамнешните поплави што го зафатија скопскиот регион. Денес во Европа храброста е скапа работа, но Македонија покажа дека има храброст да се соочи со заканите, истакна Претседателот Иванов, во своето обраќање по повод одбележувањето на 18 август – Денот на формирањето на АРМ.

Изминативе 24 години Македонија изградила модерна, професионална, ефикасна и силна армија, достојна за почит, која ги штити интересите на РМ секаде каде што е потребно, рече министерот Јолевски.

Честитка до Началникот на Генерштабот на АРМ и до припадниците на Армијата упати и премиерот Емил Димитриев.

- Да се служи на својот народ и татковина е девиза која е нераскинливо врзана за целата наша историја како држава. Така било и во илинденскиот период, така било и за време на многу други случаи во минатото, така беше и во 1992 година кога беше формирана македонската армија, а македонските војници беа повлечени за да бидат свои на своето, да служат на својата земја, да служат на својот народ. Од тогаш, па се до денес, поминаа 24 години во кои македонските војници во ниту еден момент не отстапија од оваа света функција, се вели во честитката на Димитриев.

Баталјонот на воената полиција и Инженерискиот баталјон на АРМ за нивниот исклучителен придонес и поддршка во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за зацврстувањето на националната безбедност и сигурност на македонските граѓани, беа одликувани со Орден за воени заслуги.

Денот на АРМ годинава беше симболично одбележан поради трагичните настани со поплавите во скопскиот регион.