Македонија
16. February 2018 - 22:30

19 жени за три години убиени од своите партнери во Македонија

Вчерашното убиство и самоубиство во Кочани, повторно го актуелизира горливиот општествен проблем на семејното насилство. Според истражувањата на граѓанскиот сектор, кој работи на оваа проблематика, во периодот од 2013-та до 2016-та година, дури 19 жени во Македонија се убиени од страна на нивните сопрузи или интимни партнери. Искуствата покажуваат дека, на последниот случај на фемицид, односно убиство на сопругата, му претходела латентна форма на семејно насилство, кое не било пријавувано во институциите.

- Верувам дека постоело насилство во тоа семејство што се провлекувало со години, и психолошко и физичко-изјави Благица Кирова, НВО „Ехо“-Штип

Насилството најчесто не се пријавува од причина што жртвите имаат предрасуди дека на тој начин ќе се наруши имиџот на семејството или пак, доколку се пријави, се евидентира како поплака.

- Мора да се реагира од страна на институциите, да се сфати сериозно, за да не доаѓа до вакви крвави финиши-додаде Кирова

Законска обврска е во рок од 24 часа од пријавата, да се извести Центарот за социјални работи и во заедничка координација да се преземат нај соодветните мерки за да се обезбеди жртвата од идно насилство.