Фудбал
27. March 2017 - 18:51

16 годишниот Чурлинов повикан во најдобриот состав на Македонија

 
 
 
По триумфот во Вадуц против Лихтенштајн од 3:0 во натпревар од 5.коло од квалификациите за СП 2018 во Русија, најдобрата репрезентација на Македонија, утре ја очекува контролниот натпревар против Белорусија.
 
Селекторот на нашата најдобра репрезентација Игор Ангеловски за пресметката против Белорусија во составот го повика Дарко Чурлинов. Доколку Чурлинов добие шанса да настапи против Белорусија, фудбалерот на германски Келн ќе стане најмладиот репрезентативец со 16 години и осум месеци. 
 
Против Белорусија во комбинација за настап ќе биде и Езџан Алиоски кој поради жолти картони немаше право на настап на натпреварот против Лихтенштајн.
 
По настапот за сениорската репрезентација во Вадуц, на репрезентативниот тим до 21 година се приклучуваат и шестмина фудбалери кои беа на располагање на Игор Ангеловски, голманот Игор Алексовски, Дарко Велковски, Бобан Николов, Давид Бабунски, Никола Ѓорѓев и Марјан Радески.
 
Утрешниот натпревар кој ќе се игра на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје, ќе започне од 18 часот.