Македонија
1. July 2016 - 16:20

13 шалтерски работници од скопскиот катастар разработиле шема за проневера на пари

13 шалтерски работници во скопски Катастар паднаа во акцијата „Сторно“. Финансиската полиција ја разби нивната криминална шема за лесно богатење, со која во период од 3 години вработените го оштетиле буџетот за приближно 30 илјади евра. Во речиси 3000 предмети, тие користеле иста шема, која иако едноставна била тешка за откривање. Главна мета биле странките кои немале платежни катрички, а вработените за да им извршат наводна услуга им ги нуделе своите. По извршената наплата службениците печателе потврда за плаќањето, а подоцна ја стонирале банкарската трансакција.

-Пријавените шалтерски работници биле внимателни во извршувањето на кривичните дела, па така за да не бидат уплатите сомнителни кај стручните служби за контрола, тие со платежните катрички наводно уплатувале сума која е соодветна на онаа предвидена со тарифникот иако од странките во кеш земале многу повеќе. При контролата, Финансиската полиција пронајде и поголем број на употребени картички кои се сопственост на повеќе извршители и нотари од реонот на Скопје кои се употребени од шалтерските работници без нивно знаење и дозвола, се вели во соопштението на финансиската полиција.  

Осомничените се товарат за „Злоупотреба на службената положба“. Против нив се покренати дисциплински и материјални постапки, а по предлог на Јавното обвинителство одземени им се  и патните исправи.

За само 7 месеци ова е втора голема акција на финансиската полиција во скопски катастар. Во акцијата „Геодет“ во декември минатата година беа уапсени 19 лица во најголем дел вработени во Агенција, кои се сомничат за катастарски малверзации тешки 5 милиони евра. Директорот Славче Трпевски уверува дека борбата против криминалот и корупцијата останува една од главните цели на катастарот.

Трпевски апелира до граѓаните кои ќе забележат било какво несовесно работење од страна на вработените, случајот веднаш да го пријават на Инфо линијата на Агенцијата.