Македонија
27. October 2017 - 16:45

10 општини не можат да ги подмират трошоците за вториот круг од изборите - за нив ќе плати ДИК

Десет од 35-те општини во кои ќе има втор круг на гласање за градоначалници се со блокирани сметки и не можат да ги покријат трошоците за гласањето на 29 октомври. За да се одржи гласањето Државната изборна комисија  интервениралa со околу 9.000 евра од сопствениот буџет за да се подмират трошоците.

„ДИК донесе одлука да им додели средства на оние општини кои се со блокирани сметки и не можат да ги покријат трошоците за вториот изборен круг. Вкупната вредност на доделените пари е 538 илјади денари ….“

Локалните избори се трошок на самите единици за локална самоуправа. Државната изборна комисија ги покрива трошоците околу печатењето на гласачките ливчиња, изводите од избирачкиот список и активностите кои ги има ДИК околу изборите. Тековните трошоци, општинските изборни комисии и избирачките одбори се плаќаат од општинските буџети.

Со блокирани сметки се Струга, Тетово, Брвеница,  Градско, Зрновце, Боговиње, Карбинци, Долнени, Старо Нагоричаени и Чашка. На сите овие општини ќе им бидат префлени различен износ на пари. Најмалку ќе добие Карбинци – 20.000 денари за 16 избирачки места, а најмногу Боговиње – 86 илјади денари за 38 избирачки места.

Според буџетот на Државната изборна комисија, на располаѓање се 3,2 милиони евра од државниот буџет, но голем дел од нив веќе се потрошени за трошоците кои ги покрива ДИК.

Не е прв пат општините да немаат пари за локални избори. И на прертходните во 2013 година, ДИК интервенираше кај 14 општини. Тогаш имаше и прелдог поради честите проблеми со пари на локалните самоуправи, локалните избори да станат надлежност на ДИК, а со тоа во целост да се преземат и трошоците за нив.